Европската унија претстави план за „дигитален паричник“ кој ќе ги содржи во електронска форма сите податоци за докажување на идентитет како пасош, лична карта, но и возачка дозвола и банкарски извештаи. Овој предлог план доаѓа во време кога се спроведува стратегија за постпандемиско обновување, со цел да ја подобри и олесни транзицијата кон дигитална иднина.
Европските дигитални паричници ќе се користат преку мобилните телефони и во нив ќе се складираат во електронска форма битните официјални документи од пасош, до банкарски сметки па и училишни дипломи, соопшти денеска Европската Комисија. Еврокомесарката за дигитални прашања, Маргрет Вестагер на денешната прес конференција соопшти дека предлогот е дизајниран за да им го олесни животот на жителите на ЕУ при користењето на владини и комерцијални услуги.
Е-паричникот не би бил задолжителен за граѓаните на ЕУ, а корисниците на дигиталниот паричник ќе одлучат колку и кои лични податоци ќе ги внесат и ќе дозволат да се споделуваат при секоја интеракција. Официјални лица истакнаа дека безбедноста за таквото нешто ќе биде крената на највисоко можно ниво за да се заштитат личните податоци.
Планот сè уште треба да биде усвоен од Европскиот парламент и земјите-членки. Европската комисија ги повика земјите од ЕУ да ги утврдат стандардите и упатствата за најдобри практики за користење на дигитален паричник до септември 2022 година.