Македонската фудбалска репрезентација вечерва ремизираше против Словенија со 1:1 (полувреме 0:0) во претпоследниот настап пред дебитантското учество на Европското првенство (ЕП) во фудбал.
Водечкиот гол за „црвено-жолтите“ на арената „Тоше Проески“ во Скопје го постигна Елиф Елмас во 55 минута, по асистенција на Езџан Алиоски. Словенците успеаја да се спасат од пораз и да освојат реми во седмата минута од судиското надополнување преку Чрнигој.
Денешниот натпревар се играше пред 10.000 публика во Скопје. Следниот контролен натпревар пред ЕП за Македонија е в петок, против репрезентацијата на Казахстан во Скопје.
Македонија на Европското првенство ќе игра во групата Ц против репрезентациите на Австрија (13 јуни во Букурешт, 18 часот), на Украина (17 јуни во Букурешт, 15 часот) и на Холандија (21 јуни во Амстердам, 18 часот).