Организацијата за исламска соработка која брои 57 членови денеска одржа итен виртуелен состанок во врска со ситуацијата во Газа. На состанокот се повика на ставање крај на воените напади на Израел врз Појасот Газа. Саудискиот министер за надворешни работи, принцот Фаисал бин Фархан, ја повика меѓународната заедница да работи на ставање крај на воените операции на Израел против Газа и да дозволи помошта да стигне до крајбрежниот регион.
Говорејќи од Рамала на Западниот брег, палестинскиот министер за надворешни работи Ријад Малки го нападна Израел нарекувајќи го „држава на апартхејдот“ што практикува „злосторства и бруталност против нашиот народ во Газа“.
„Подемот на палестинскиот народ јасно стави до знаење дека Ерусалим е црвена линија“, рече Малки. Тој ги повика муслиманските земји да го поддржат палестинскиот народ со сите средства повикувајќи го да воведат политички и економски санкции против Израел.
Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу го обвини Израел за неодамнешното насилство.
„Само Израел е одговорен за неодамнешната ескалација во Источен Ерусалим, Западниот брег и Газа. Нашите предупредувања до Израел минатата недела поминаа без внимание“, рече Чавушоглу.
Нетанјаху: Нападите во Газа ќе продолжат колку што е потребно
Исламистичката милитантна група Хамас го започна својот ракетен напад по повеќенеделни тензии во врска со судскиот спор за иселување на неколку палестински семејства во источен Ерусалим и како одмазда за судирите на израелската полиција со Палестинците во близина на џамијата Ал-Акса, третото најсвето место на исламот, за време на светото месец Рамазан.
Израел возврати со воздушни и артилериски удари во густо населената Газа. Според Палестинците, бројот на убиени во Газа се искачил на 174, вклучувајќи 49 деца. Израел пријави 10 мртви, вклучително и две деца.