Министрите за надворешни работи на Русија и на САД Сергеј Лавров и Ентони Блинкен се согласија во телефонски разговор да се состанат следната недела на маргините на самитот на Арктичкиот совет, соопштено е во Вашингтон и во Киев, наведувајќи дека тие ќе разговараат за клучните билатерални и меѓународни прашања. Министерскиот состанок на Арктичкиот совет ќе се одржи на 20 мај. Руско-американските односи се влошија во последните години, а Вашингтон ја обвини Москва за мешање во претседателските избори во САД во 2020 година, шпионажа и сајбер напади.
Бајден: Русија има „одредена одговорност“ во сајбер нападот на гасоводот во САД
Во април, администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден воведе нови санкции против организации или компании поврзани со Русија, протера десет дипломати и воведе забрана за американските банки директно да купуваат долгови издадени од Русија. Москва возврати со протерување на десет американски дипломати, забранувајќи влегување на високи американски службеници на руска територија и забранувајќи им на американските мисии да вработуваат странски државјани. И покрај ваквата размена на санкции, двете земји разговараат за можен самит меѓу претседателите Џо Бајден и Владимир Путин во трета земја во јуни 2021 година.