Поради поволниот тренд на епидемиолошка состојба во Црна Гора, од 12 мај ќе бидат укинати забраните за меѓуградски сообраќај за време на викендите и за движењата од полноќ до пет часот, соопшти Министерството за здравство.
И покрај олеснувањето на мерките, властите апелираат до граѓаните да продолжат да ги почитуваат правилата за спречување на ширење на коронавирусот.
Според податоците на Институтот за јавно здравје објавени на 11 мај, еден пациент починал како резултат на пандемијата, а за 84 лица било потврдено дека се заразени со коронавирусот.
Во Црна Гора е дозволен влез на туристи од Западен Балкан без ПЦР тест
Во моментов, има 1.688 активни случаи на КОВИД 19, а најголем број на заразени се уште има во Подгорица - 590.
До 11 мај во Црна Гора беа дадени повеќе од 120.000 дози вакцини против коронавирус. Од нив, по една доза ја примиле 88.965 граѓани, а 31.830 примиле две дози.
„Досега,против Ковид-19 се вакцинирани 19,5 проценти од возрасната популација, односно 14,3 проценти од вкупното население“, наведува ресорното Министерство.
Меѓу вакцинираните се околу 50 проценти од здравствените работници кои примиле прва доза, додека околу 40 проценти од нив биле имунизирани со две дози.
Масовната имунизација, која започна на 4 мај, се спроведува со вакцините на „Астра Зенека“, „Синофарм“ и „Фајзер.“