Народната банка предвидува раст на бруто-домашниот производ од 3,9 отсто годинава и наредната година, а 4 отсто во 2023, во најновите макроекономски проекции. Инфлацијата за годинава е проектирана за 2,2 отсто, што е зголемување во однос на претходната проекција, што изнесуваше 1,5 отсто.
„Во согласност со вградените претпоставки за надворешното окружување и домашните фактори, во 2021 година се очекува раст на економската активност од 3,9 отсто што претставува непроменета проекција во однос на октомври. Во 2022 година ќе продолжи закрепнувањето на економијата со раст од 3,9 проценти (мала нагорна корекција во однос на октомври), а во 2023 година со иста очекувана стапка како во октомври, од 4 отсто“, информира на денеска на прес-конференција гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска Бежоска.
Mерките ќе имаат позитивни ефекти, но економијата бавно ќе заздравува
Според неа, се очекува растот на БДП да произлезе од домашната побарувачка.
Во врска со идните движења во надворешниот сектор, тие, според Народната банка, укажуваат на стеснување на дефицитот во тековната сметка до 2,9 отсто од БДП во 2021 година, што, како што појаснуваат во најголем дел се должи на подобрите очекувања кај дознаките, при постепено намалување на негативните ефекти од пандемијата во текот на годината.