Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, кој е на европска турнеја во неколку европски метрополи како дел од пошироката дипломатска активност за актуализација на европското досие на земјава пред земјите-членки на ЕУ, денеска ќе престојува во Стокхолм каде што ќе биде примен од министерката за надворешни работи на Шведска, Ан Линде. Вчера Османи престојуваше во Копенхаген, на средба со својот колега и домаќин, министерот за надворешни работи на Данска, Јепе Кофод. Претходно, Османи во Берлин имаше, меѓу другото, средба со германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, како и државниот министер надлежен за Европа Михаел Рот.
Османи ќе бара поддршка за датум за преговори во Берлин, Копенхаген и Стокхолм
Турнејата на Османи се одвива во период на засилената дипломатска активност, а во контекст на европските интеграции на Северна Македонија. Покрај билатералните односи, централни теми на средбите се европското досие на земјава и обезбедување поддршка со јасна цел имплементација на одлуката за почеток на преговорите од страна на Советот на ЕУ од март минатата година, преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција.