Министерот за здравство Венко Филипче денеска на средбата со Каролине Едштадлер, Сојузна Министерка за ЕУ и Устав на Австрија ја потенцирале важноста на процесот на имунизација и заклучиле дека недостатокот на вакцини е проблем со кој се соочуваат сите земји во светот, информираат од Министерството за здравство.
Од таму додаваат дека на средбата Филипче и Едштадлер зборувале и за сертификатите кои граѓаните треба да ги добијат по примањето на две вакцини за непречено движење надвор од границите и било кажано дека сертификатот ќе биде предмет на взаемно договарање на двете земји, без ограничување со типот на вакцините.
„Тим Европа на ЕУ се роди во ковид 19 кризата како начин на колективна поддршка и солидарност на ЕУ кон државите партнери во битката со пандемијата. Покрај набавката на вакцините на состанокот се разговараше и како да се влијае врз подигање на свеста на граѓаните за важноста од вакцинација“, наведува министерството.
Вархеји: вакцините се подарок за граѓаните на С. Македонија
Едштадлер заедно со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји денеска во Скопје дојдоа заедно со првите вакцини од помошта од Европската унија. Од вкупно 119 213 дози вакцини Фајзер кои треба да пристигнат во земјава до крајот на август денеска пристигнаа 4850 дози. Тие се дел од помошта на ЕУ за Западен Балкан вредна 70 милиони евра.