Владејачките социјалисти во Албанија почнаа со реализација на најавената иницијатива за разрешување на претседателот Илир Мета.
Тие почнаа да собираат потписи на пратеници, а парламентарната група закажа средба за в понеделник, еден ден пред пленарната седница на Парламентот.
Иако на дневен ред на седницата се неколку закони претходно вратени од страна на Мета на повторно разгледување, од партиски извори се дознава дека социјалистите како дополнителна точка ќе ја стават и онаа за негово разрешување.
Социјалистите одлучиле да иницираат разрешување на Мета, по, како што наведуваат, неколкуте сериозни прекршувања на Уставот од страна на претседателот Илир Мета, пред и по изборната кампања.
Ова следува еден ден по изјавата на нивниот лидер Еди Рама, дека „со Илир Мета ќе се позанимава Парламентот“, бидејќи „народот го казнил, а Парламентот само ќе го финализира тоа, со разрешување”.
Мета - Партиите да покажат смиреност до конечните изборни резултати
Мета, пак, вели дека не ни помислува да се повлече од функцијата се до 24 јули 2022 година, кога му завршува мандатот.
Претседателот на Албанија го избира Парламентот со двотретинско мнозинство од вкупно 140 пратеници, а со исто толку може и да го разреши.