Во земјава се смирува епидемиолошката состојба со Ковид-19 и не е детектирана друга форма на вирусот, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче, апелирајќи во пресрет на велигденските празници граѓаните да бидат совесни и да ги почитуваат мерките.
"Тие посети во верски објекти, масовни собирања и тогаш кога не се дозволени во насока на прекршување се секогаш можни и секогаш од таму потекнуваат сите проблеми, во смисла на појава на мини кластери. Мора сите да сме свесни и со сопствeн пример, имајќи ја предвид сопствената одговорност, да постапиме така како што треба во рамки на ова што сега значи живот со мерки, препораки, превенција итн", изјави Филипче, одговарајќи на новинарско прашање по донацијата од Словачка на Клиниката за детски болести во Скопје.
Според него, граѓаните мора да се свесни што треба да се прави, што не треба да се прави, како самите ќе придонесат за и понатаму епидемијата да спласнува, односно бројките да се намалуваат.
"Верските храмови се отворени, џамиите и црквите, и сега секојдневно ако има било какви служби итн. луѓето коишто не се придрждуваат до превентивнтие мерки и не водат сметка за заштита на сопственното здравје, се изложени на ризик. Не може секогаш Владата да каже и да бираме помеѓу тешки рестрикции или целосно отворање или нешто помеѓу, а граѓаните да не се вклучат самите со своите постапки и со сопствената одговорност. И тоа е суштината, дека треба да функционираме и да живееме", рече Филипче.
Комисијата предлага олабавување на мерките, Велигден и Рамазан без полициски час
И Премиерот Зоран Заев на денешната прес конференција уште еднаш апелираше да се почитуваат препораките на надлежните институции во пресрет на велигденските празници.
Тој рече дека веќе е разговарано и со претставниците на верските заедници кои се обврзале дека ќе внимаваат на мерките заради заштита на населението.
" Да запалиме свеќичка пред нашата зграда, пред нашата куќа. Како претседател на владата апелирам прв приоритет да биде да се тргнеме од толпата, да го искористиме просторот на отворено и да избегнеме групирање", рече Заев.
Тој рече дека престојните велигденски празници ќе ги помине во кругот на своето семејство, а Велигден ќе го дочека во својот дом.