Европската перспектива на земјата, реформската агенда и справувањето со ковид-19 беа главни теми на денешните средби на претседателот Стево Пендаровски со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Жозеп Борел и со претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли во Брисел, соопштуваат од Кабинетот на Пендаровски.
Борел и Пендаровски разговарале и за состојбите во Европската Унија и во Северна Македонија, потоа за начинот на справување со ковид-19 како и за процесот на имунизација, се вели во соопштението. Претседателот Пендаровски ја поздравил солидарноста на Европската Унија и се заблагодарил за целокупната поддршка и помош во справувањето со пандемијата. Тој изразил очекување дека до крајот на август, ќе пристигнат и вакцините коишто Северна Македонија треба да ги добие преку механизмите во рамки на Унијата.
Вархеји повикува на решение меѓу Македонија и Бугарија
На средбата со претседателот на Европскиот Парламент, Сасоли, како што информираат од кабинетот на Пендаровски, биле разменети мислења и информации за напредокот на Северна Македонија во клучните реформски области во контекст на евроинтеграцискиот процес, како и за актуелните предизвици наметнати од пандемијата на Ковид-19.
Двајцата соговорници ја нагласиле исклучително важната континуирана комуникација на нашите институции со Европскиот Парламент со што се воспоставуваат цврсти основи за значителен напредок во спроведувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација, како и процесот на интеграција и пристапување во Европската Унија. Претседателот Пендаровски истакнал дека усвојувањето на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција во најскоро време, е македонскиор клучен приоритет.