Чешка ѝ даде рок на Русија до денеска напладне да дозволи враќање на 20 чешки дипломати, кои беа протерани како одговор на протерувањето на 18 руски дипломати од амбасадата во Прага.
„Му соопштив на рускиот амбасадор дека Руската Федерација има рок до утре до 12 часот да ги прими сите протерани дипломати назад во Москва. Ако не го стори тоа, ќе одлучам да го намалам бројот на руски дипломати во Прага, така што тоа да одговара на сегашната состојба на амбасадата на Чешка во Москва ", изјави пред новинарите новиот чешки министер за надворешни работи Јакуб Кулханек.
Рускиот амбасадор на 21 април беше поканет на состанок во чешкото Министерство за надворешни работи за да може Кулханек да изрази протест против „несоодветната реакција на Русија кога протера 20 Чеси како одговор на протерувањето на нејзините 18 дипломати“.
„Со оглед на разликата во големината на амбасадите, протерувањето на 18 руски агенти нема да го загрози функционирањето на руската амбасада во Прага, додека реакцијата на руската страна беше несоодветна и ја парализираше работата на нашата амбасада во Москва“, рече Кулханек.
НАТО ќе расправа за вмешаноста на Русија во експлозиите во Чешка
Влошените односи меѓу Русија и Чешка влегоа во фаза на вистинска дипломатска војна, бидејќи Чешка на 17 април објави дека има докази за основано сомнение дека двајца агенти на руската служба ГРУ, истите кои се сомничат за обид за труење на поранешниот руски агент Сергеј Скрипал, се вмешани во експлозии на муниција во јужна Бохемија во 2014 година во кои загинаа две лица.
„Сите знаете што се случи и ние реагиравме како суверена земја“, изјави новиот шеф на чешката дипломатија во Чешка.
Кулханек на 21 април разговараше со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, а на 22 април детално ќе ги информира амбасадорите на земјите членки на НАТО за експлозијата во складиштето за муниција.