Владата денеска ги демантираше информациите објавени од пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, и дел од медиумите, дека тројца министри „се вакцинирале преку ред“.
„Најостро демантираме, не постои никакво вакцинирање на министри. Ги повикуваме пратеникот и порталите кои ја шират оваа тешка дезинформација да се откажат од манипулациите со населението во овие моменти на тешка здравствена состојба во државата“, беше објавено денеска на официјалниот Твитер профил на Портпаролот на Владата.
На истиот профил, заедно со објавата „Ова е лажна вест“, е споделена и фотографија од објава на пратеникот Антонијо Милошовски на Фејсбук „дека министрите Царовска, Груби и Маричиќ преку ред добиле ВИП вакцинација“.
Милошоски, повикувајќи се на медиуми во Албанија, на својот Фејсбук профил објави дека тројцата министри преку ред се вакцинирале. Дел од порталите, претходно, повикувајќи се „Њус 1“ од Албанија, објавија дека дел од македонските министри веќе се вакцинирале.