Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, упати јавен повик до претседателот на Собранието, Талат Џафери, за одблокирање на работата на Собранието. Мицкоски предлага Џафери пред утрешната седница за пратенички прашања да свика седница на која ќе се изгласаат четири закони кои се, како што вели, од интерес за граѓаните, стопанството и поврзани со кризната состојба.
„Пред да почне собраниската седница за пратенички прашања да се закаже собраниска седница со дневен ред со четирите закони: Одлуката за продолжување на рокот за постоење на кризна состојба поради корона вирусот и измени на законите за финансиска поддршка на работодавачите, финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од корона кризата и измените на Законот за данокот на личен доход“, објави Мицкоски.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, вчера на прес-конференција ја обвини опозицијата дека „ја злоупотребува здравствената состојба на пратениците, во услови на Ковид-19, и оти пред него се поставуваат ултимативни предлози што не може да ги прифати“. Оваа негова изјава следуваше, како што објасни Џафери, по барањето од координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, „на седницата да се разгледуваат само опциите за продолжување на кризната состојба и трите точки поврзани со мерките за Ковид-19, а не и другите 26“.