Албанскиот премиер Еди Рама денеска во Тирана го пречекал македонскиот вицепремиер Артан Груби со лист со напишана електронската адреса на Државниот завод за статистика за попишување во странство, објави Груби на својот официјален фејсбук профил, заедно со фотографии од средбата.
Груби е во посета на Албанија и по вчерашната средба со албанскиот претседател Илир Мета, тој денеска се сретнал и со премиерот Рама. Груби на фејсбук објави дека, меѓу другото, разговарале и за „важноста на процесот на регистрација на дијаспората, каде што, како што вели Груби, „се апелираше до дијаспората на Северна Македонија да одговори на процесот на регистрација колку што е можно повеќе, со оглед на тоа што исполнуваат морална и национална обврска.“
„Задоволство е што денеска во Тирана се сретнав со албанскиот премиер Еди Рама. Ме пречека со интересен гест, така што на бел лист напиша: htpps://census.stat.gov.mk. Почестен сум од овој братски премиерски прием од Рама, со кого разговаравме за билатералните односи меѓу Северна Македонија и Албанија, но и за спорот кој последниве месеци се интензивира меѓу Северна Македонија и соседна Бугарија, без да ја заборавиме темата за интеграција на нашите земји во Европската Унија“, напиша Груби на фејсбук.
Тој наведе дека разговарале со Рама и за Коридорот 8. Груби, како што наведува, го известил албанскиот премиер дека и во Македонија се работи на изградба на овој коридор што е можно поскоро.