Учесниците на кампањата „Обединет Балкан за чист воздух” бараат што побрзо затворање на централите со јаглен, како и итно намалување на загадувањето на воздухот над пропишаните нивоа предизвикано од тешката индустрија во земјите од Западен Балкан.
„Бараме граѓаните да бидат дел од процесот на донесување одлуки кога станува збор за еколошки и други дозволи за производствени капацитети. Без на кој било начин да се вклучи јавноста во распределбата на парите на даночните обврзници, државите во регионот платија вкупно 72,7 милиони евра директни субвенции во 2019 година на компании што произведуваат електрична енергија од јаглен и обезбедија гаранции за заем во вредност од 2,15 милијарди евра“, се посочува во кампањата на „Обединет Балкан за чист воздух”.
Активистите посочуваат дека освен во индустријата, јагленот се користи и во домаќинствата, дури и во топланите.
„Елиминацијата на ова фосилно гориво ќе го отстрани најголемиот индивидуален извор на загадување на воздухот на Западен Балкан. ЕУ се откажува од јаглен и ја стимулира употребата на чисти технологии во индустријата, за да се постигнат нето-нула емисии на јаглерод диоксид до 2050 година, помагајќи на тој начин да се ублажи глобалното затоплување“, додаваат од кампањата „Обединет Балкан за чист воздух”.
Активистите наведуваат дека со потпишување на Софиската декларација во ноември 2020 година, државите во регионот го отворија патот кон неповратни грантови и финансиска поддршка дефинирани со Зелената агенда за Западен Балкан, додавајжи дека термоцентралите на јаглен и валканата технологија „го загрозуваат нашиот опстанок и нè спречуваат да имаме почист воздух или да постигнеме неутралност на јаглеродот”.