Повеќе од 100 луѓе побегнале од Мјанмар и пристигнале во мало село во североисточна Индија, придружувајќи им се на десетици сонародници кои го сторија истото откако Армијата на Мјанмар изврши државен удар и ја презеде власта. Стотина граѓани на Мјанмар ја преминале реката Тијау и влегле во селото Фаркаун преку коридор каде немало припадници на индиските паравоени единици. Локалните медиуми објавија дека меѓу бегалците има и неколку припадници на полицијата и противпожарната служба во Мјанмар.
Индиските власти минатата недела им наредија на федералните држави долж границата со Мјанмар да преземат мерки за да спречат бегалци да влегуваат во земјата, освен од хуманитарни причини. Сојузните држави се предупредени дека не се овластени да даваат статус на бегалец на секој што влегува од Мјанмар, бидејќи Индија не е потписник на Конвенцијата за бегалци на ООН од 1951 година или на нејзиниот Протокол од 1967 година.
Во Индија, која има граница со 1.643 километри со Мјанмар, има илјадници бегалци од Мјанмар. Повеќето од нив се припадници на муслиманското малцинство Рохинџа, кои избегаа од прогонство за време на соборената цивилна влада на Мјанмар.
Во Мјанмар војската со државен удар ја презеде власта
Армијата на Мјанмар изврши државен удар на 1 февруари, го уапси државниот врв и прогласи едногодишна вонредна состојба. Оттогаш, во Мјанмар траат секојдневни протести, кои воените власти се обидуваат насилно да ги потиснат.