Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамки на работната посета на Италија, имал средба со министерот за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, Луиџи ди Мајо, на која биле разгледани можностите за продлабочување на политичките и економските односи, вкупната билатерална соработка во сите сегменти од заеднички интерес, како и регионалните актуелни состојби и соработка, соопшти Министерството за надворешни работи (МНР).
„Италија во континуитет е меѓу топдесетте земји според големината на трговската соработка со Северна Македонија, која надминува половина милијарда евра, а во 2019 година достигнува дури 720 милиони евра. Овој претставуваа значаен придонес во нашата економија, но со оглед на политичката поддршка, географската близина и традиционалната соработка, сметам дека постои потенцијал за уште поголема економска активност, особено за италијанските инвестиции кои се повеќе од добредојдени во Северна Македонија”, рекол Османи на средбата
Според МНР, фокусот на разговорите бил и на европскиот кредибилитет во регионот, тесно поврзан и со кредибилитетот на самиот процес на проширување, усогласувањето на Преговарачката рамка за Северна Македонија и силната и активна поддршка на Италија за почеток на преговорите за нашата земја.