Претседателот Стево Пендаровски, на денешната средба со вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, дал поддршка за планот, системот и мерките за борба против корупцијата и нагласил дека тие ќе дадат резултати, соопштија од Кабинетот на Претседателот.
„Борбата против криминалот и корупцијата е од исклучително значење во процесот на евроинтеграцијата, во градење на правната држава и за стекнување на доверба на граѓаните во институциите. За да постигнеме резултати во овој процес неопходна е целосна транспарентност, соодветни законски решенија и санкции, и придонес од сите институции“, рекол на средбата претседателот Пендаровски.
Вицепремиерот Николовски на средбата истакнал дека за планот очекува поддршка од сите граѓани и институции.
„Планот за борба против корупција денеска го претставив пред претседатело и го информирав детално за секоја точка, за секоја мерка. Очекувам поддршка во интерес на граѓаните и придонес од сите институции. Имаме План, имаме политичка волја, влеговме во бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот“, рече вицепремиерот Николовски по средбата.
Заев - Николовски: Со „Акција 21“ против корупцијата и остатоците од режимот
Паралелно со темелни институционални промени, според претседателот Пендаровски, важен сегмент во борбата со корупцијата е подигнување на јавната свест и охрабрување на граѓаните да пријавуваат случаи на корупција, стои во соопштението од Кабинетот на Пендаровски.
Вицепремиерот Љупчо Николовски и премиерот Зоран Заев пред шест дена го претставија „Акција 21“, односно планот за борба против корупцијата, и истакнаа дека првите два приоритети се борба прочистување на правосудството и борбата против корупцијата и „расчистување со остатоци од режимот“.