Стотици киднапирани ученички од интернат во северозападна Нигерија се ослободени и се наоѓаат во просториите на владата на нигериската држава Замфара, изјави гувернерот на таа област.
„Среќен сум што објавувам дека девојчињата се ослободени, тукушто пристигнаа во зградата на владата и се во добра здравствена состојба“, изјави гувернерот Бело Матавале за Франс Прес.
Како што рече, вкупно 279 средношколки биле киднапирани минатиот петок и сите биле ослободени. Властите најпрво објавија дека 317 ученички исчезнаа за време на прозивката по нападот на вооружени лица врз тој интернат во државата Замфара ноќта од четврток кон петок.
Ова е четврти напад за помалку од три месеци врз училиштата во северозападна Нигерија, каде последните повеќе од десет години, криминалните групи, кои владата ги нарекува разбојници, краделе добиток и киднапирале луѓе за кои барале откуп.
110 мртви во последниот напад на Боко Харам во Нигерија, соопштија ОН
Киднапирањата на ученици и студенти стануваат се почести во Нигерија.
Со секое ослободување, властите негираат дека платиле каков било откуп на киднаперите, но експертите за безбедност не се сомневаат дека откупот е платен и стравуваат дека тоа може да доведе до зголемување на бројот на киднапирања во тој сиромашен и слабо обезбеден регион.