Владата ниту преговарала, ниту ќе преговара за македонскиот идентитет и македонскиот јазик, а мислењето на нашиот коалициски партнер Љубчо Георгиевски е негово лично мислење, изјави денеска премиерот Зоран Заев, коментирајќи ги ставовите на коалицискиот партнер Љубчо Георгиевски, лидер на ВМРО-НП, кој викендов на социјалните мрежи изнесе „план за решавање на спорот со Бугарија, што предизвика бројни реакции во јавноста.
Заев рече дека уште вчера разговарал со Георгиевски, при што „тој му потврдил дека тоа е негов личен став“, а премиерот му рекол дека „тоа не може да биде став ниту на Владата, ниту на коалицијата, заради тоа ставовите на Владата по тоа прашање се јасни“.
По бугарското вето лани во декември, дипломатската реторика меѓу Скопје и Софија е заострена. Официјална Софија бара Македонија да признае бугарски корени, а македонската Влада тврди дека нејзините црвени линии се току идентитетот, јазикот и националноста.
Денеска премиерот Заев не сакаше подетално да каже до каде се разговорите со Бугарија околу блокадата на преговарачката рамка на Македонија и Европската унија. Тој само рече оти верува дека ќе се најде решение.
Бурни реакции по предлог планот на Георгиевски за односите со Бугарија
„Сега не би давал длабински коментари, бидејќи сега во Бугарија има избори. А по изборите штом ќе се формира владата во Бугарија ние ќе продолжиме уште посуштински да навлеземе во преговорите, бидејќи сакаме час поскоро да најдеме решение и ние да го продолжиме нашиот европски пат и да ја одржиме првата меѓувладина конференција“, рече Заев.