Министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната прес конференција изјави дека не може после секоја средба на мешаната македонско – бугарска комисија за историски и образовни прашања да се очекуваат спектакуларни резултати. Затоа е интенцијата овие средби да бидат почести за да се дојде до решенија, додаде тој, по вчерашната средба на која не беше постигнат позначителен напредок за отворените прашања.
„ Имало прогрес вчера, усвојување на записникот, разговарано е отворено, конструктивно, но не е постигнато одредено усогласување за прашањето за препораките во делот на учебниците итн. што не значи дека разговорите од вчерашната и завчерашната средба не се добра основа за следната веќе која што е закажана за месец дена да може да се најде одредено решение,“ рече Османи.
Тој додаде дека во меѓувреме проодлжува и усогласувањето со Софија околу акцискиот план. За тоа пред два дена разговарал во Софија со бугарската колешка Екатерина Захариева со цел да може да се одржи меѓувладината средба.
„Нашата интенција е дека треба да се вратиме на Договорот, на начелата на Договорот или инструментите коишто ги предвидува Договорот. Мислам дека се повеќе од бугарска страна се потврдува таа интенција дека само Договорот е решението, а Договорот има јасни утврдени насоки кои се разликите и како треба да се надминат разликите. Мислам дека отворање на дополнителни прашања не е во интерес ниту на двете страни,ниту на процесот“, изјави Османи.