Поради пандемијата со ковид-19 во општина Дебар најмногу штети во текот на 2020 година има бањскиот туризам. Управата на „Дебарски бањи-Цапа“ информираше дека минатата година од годишниот план се остварени само 29 проценти. Инвеститорот на „Дебарски бањи-Цапа“, Меџит Цапа, за Радио Слободна Европа изјави дека минатата година во двата бањски локалитети во Бањиште и Косоврасти се реализирани само 21 илјади ноќевања од планираните 93 илјади.
„2020 година е година со најмалку ноќевања во Дебарските бањи – Цапа од приватизацијата на бањите во 2004 година“, изјави Цапа и додаде дека поради пандемијата хотелските капацитети и здраствените служби не работеле повеќе месеци. Според управата на бањите, треба да продолжи владината подршка за бањите во нашава земја со цел да не се отпуштаат вработени.
Во изминатите години во Дебарските бањи просечно во текот на една година се регистрираа и по над 90 илјади ноќевања, а бањскиот туризам е столб на дебарското стопанство, каде се вработени над 250 дебарчани.
Кенан Мимидиноски