Поранешниот гувернер на Европската централна банка Марио Драги денеска пред претседателот на Италија Серџо Матарела положи заклетва со што стана премиер. Сите партии го поддржаа изборот на Драги, а во неговата администрација се пратеници од разчлични опции и технократи. Тие ќе работат на опоравувањето на земјата од пандемијата со коронавирусот и веднаш треба да направат планови за трошењето на 200 милијарди евра од кризниот фонд на Европската унија.
Италијанската економија е во најголем пад по Втората светска војна, голем број луѓе секојдневно умираат од ковид19, а вакцинирањето се одвива бавно.
Редовните избори во Италија треба да се одржат за две години и засега е тешко да се предвиди дали Драги ќе остане да ја води владата до крајот на мандатот бидејќи предводи коалиција од партии кои имаат сосема спротиставени ставови за прашањата како имиграцијата, правосудството, развојот на инфраструктурата и социјалната програма.