Како дел од моќното НАТО семејство, како неизоставен дел од безбедносниот штит на најмоќниот воен сојуз во светот, Северна Македонија стана фактор за стабилност во регионот, извозник на безбедност и земја во која граѓаните и децата имаат сигурна иднина, напиша денеска на Фејсбук премиерот Зоран Заев по повод една година од ратификување на Северно-антлантскиот договор.
"На денешен ден 2020 година, на пратеничкиот состав во мандатот 2016-2020, му припадна честа, во името на сите нивни претходници во пратеничките клупи, во името на сите граѓани, да го ратификуваат Договорот за пристапување на Северна Македонија во НАТО. На јарболот пред Парламентот беше кренато знамето на НАТО на 30-тата земја-членка на НАТО", пишува премиерот.
Тој наведува дека демократското мнозинство постигнало пресврт, кога за неполни две години по 27 април 2017 година, во истото Собрание "застапниците на мракот и на политичкото насилие, оние кои сакаа моќ за своја лична корист, со насилство се обидоа да ги запрат демократските и прогресивните политички сили, поддржани од огромното мнозинство граѓани".