Пациент во Ковид центарот во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје, утрово си го одзел животот скокајќи од првиот кат на болницата, потврди Министерството за внатрешни работи. Станува збор за маж роден 1950 година, кој бил позитивен на ковид-19 и кој бил хоспитализиран во болницата на 5 февруари 2021 година.
За случајот официјално потврдија и од болницата, од каде велат дека се лекувал на интензивна нега и бил под психијатриска обсервација.
„На ден 10.02.2021 година, пациент хоспитализиран во интензивна нега во ЈЗУ ГОБ „8 Септември“ – Скопје (пациент А.Ц., роден 1950 год.), во тешка состојба, и под психијатриска контрола и обсервација, и покрај сите преземени мерки, во утринските часови, скокнал од прозорец од прв спрат“, се наведува во официјалното соопштение од ГОБ.
Од таму додаваат дека и покрај преземените реанимациони постапки од страна на дежурната екипа, во 7.30 часот пациентот починал. Од болницата информираат дека се известени сите надлежни институции. Направен е увид на местот, телото е предадено на обдукција, а здравствениот инспекторат врши вонреден инспекциски надзор.
ГОБ „8-ми септември“ е најголем ковид центар во државата во кој, според последите информации објавени од Министерството за здравство, се згрижени 69 пациенти позитивни на ковид-19.