Четворицата италијански европратеници, кои допатуваа во Хрватска да проверат како хрватската полиција се однесува кон мигрантите, а беа спречени во намерата, денеска побараа официјално извинување од хрватските власти и најавија дека ќе побараат од европските власти да спроведат истрага. Ова тие го наведуваат во писмената изјава за Радио Слободна Европа (РСЕ), во која се вели дека го отфрлаат тврдењето на хрватската полиција дека вчера сакале да ја минат „зелената граница“ меѓу Хрватска и БиХ, во близина на местото Бојна.
Хрватската полиција, меѓутоа, и натаму тврди дека биле запрени затоа што сакале да ја минат „зелената граница“, што е забрането и со хрватскиот и со европскиот закон.
Четворица италијански европратеници – Пјетро Бартоло, Алесанда Морети, Пјер Франческо Мајорино и Брандо Бенефеи – сите од групата Европски социјалисти и демократи (С & Д) во Европскиот парламент, вклучувајќи ги и хрватските социјалдемократи, веднаш побараа изјава од премиерот Андреј Пленковиќ. Европратениците велат дека тие само сакале да видат што се случува на границата.