Министерот за здравство, Венко Филипче, потврди дека здравствените власти во земјава сериозно ја разгледуваат можноста за набавка на вакцините против ковид-19 на кинеските производители „Синовак“ и „Синофарм“ и дека веќе има контакти со производителите.
„Чекаме детали во однос на договорот, цената и испораката и верувам дека до крајот на оваа недела сите овие детали ќе ги имаме. Очигледно е дека производителите кои први успеаја да излезат на пазарот, а тоа е „Фајзер“, на пример, имаат проблем со капацитетот. Повеќе европски земји најавуваат и тужби поради неисполнување на договорите, Хрватска го прекинува процесот на имунизација и тоа е нешто што не тера да работиме буквално на сите полиња за да обезбедиме интегрален процес, без пауза од моментот кога ќе почне имунизација, секако, со сите овие безбедни вакцини“, рече Филипче во интервју за „360“ на ТВ Алсат.
Според него, проблем не би требало да претставува тоа што кинеските вакцини не се одобрени од Европската агенција за лекови. Министерот додаде дека и покрај контактите со кинеските производители, Македонија не се откажува од планираните дози преку Ковакс-механизмот, за што е најавен состанок в петок на кој треба да се прецизира кога и колкава количина вакцини ќе дојдат во земјите кои аплицираа преку овој механизам. Се чека и одговор од „Фајзер“ во делот на деталите од договорот и дозвола за количините кои треба да пристигнат од Србија.