Сојузот на средношколци најави бојкот на наставата од четврток, односно, од почетокот на второто полугодие, се додека, како што велат, не се прифатат нивните барања од властите. Тие посочуваат дека ваквата одлука ја донеле во консултација со претставници на средношколци низ земјава, како и заедно со матурантите. Средношколците бараат од Министерството за образование и наука да го намали бројот на предмети кои учениците треба да ги полагаат од 4 на два, односно првиот предмет да биде задолжителен мајчин јазик, македонски, албански, турски, додека вториот предмет да биде по избор на ученикот. Дополнително, тука ја вбројуваат и проектната задача.
Во соопштението на Сојузот на средношколци е наведено дека бараат МОН и Државниот испитен центар (ДИЦ) во март да објават и презентираат план и програма, за тоа како ќе изгледаат скратените наставни програми и другите материјали за испити.
„При составувањето на нашите барања за измена и поедноставување на содржината на државната матура, земавме пример од образовните власти во Франција кои бројот на испити го намалија дури на еден – по избор на ученикот. Сепак, поради важноста на Уставот и мајчините јазици, сметаме дека и мајчиниот јазик треба да остане задолжителен испит“, стои во соопштението на Сојузот.