Најмасовната верска манифестација осветувањето на водите на Охридското Езеро и фрлањето на крстот по повод празникот Богојавление- Водици годинава се одбележа поинаку поради епидемијата со коронавирусот. Во сите цркви на Дебарско-кичевската епархија се одржаа свети литургии, а крстот се фрлаше во крстилниците.
На церемонијата во црквата „Свети Никола Геракомија“ крстот од црковниот казан го извади Никола Чорбески по што Чесниот крст го положија во езерото. Не изостана и традиционалното капење во осветените езерски води, но овојпат без масовност и на поинаков начин, со придржување кон протоколите и согласно апелите од црквата и властите.
Многумина верници влегоа во Охридското Езеро за да ја продолжат традицијата, да се искапат за здравје, но сето тоа беше индивидуално и без поголеми групирања.