Луѓето што ќе ја примат вакцината против ковид-19 треба слободно да се движат, но не треба вакцинацијата да биде предуслов или задолжителна за патување, изјави денеска грчкиот министер за туризам Харис Теохарис на состанокот во Мадрид на Комитетот за управување со кризи на Светската туристичка организација, јавува новинската агенција МИА.
Теохарис како претседател на техничкиот тим на Комитетот, на состанокот презентирал детален предлог за потребата за координирање на владите со туристичката индустрија за безбедно и ефективно враќање на слободното и безбедно патување. Тој на состанокот изјавил дека планот треба да се заснова на три столба: вакцинација, интероперабилност на податоците и брзи тестови.
Во однос на предлогот на грчката Влада за сертификатот за вакцинација, министерот за туризам на Грција рекол дека е потребно усвојување на заеднички правила за начинот на кој ќе се издава, за предусловите и за можната употреба.