Опозицијата реагира на полицискиот судир со Василичарите во Вевчани кои не се придржувале до мерките. Во нивното соопштение е наведено дека власта со специјалци тепа граѓани на карневал, кои преку маски и хумор го исмеваат лошото владеење на СДСМ.
„Прагот на толеранција кон секоја критика на СДСМ и на Заев е нула. Ова денеска во Вевчани беше приказ како функционира тоталитарен режим. Под наредба на Заев денес брутално и насилно стотина специјалци ги тепаше, апсеше и малтретираше граѓаните кои учествуваа на вековниот Вевчански карневал, меѓу кои имаше деца и стари лица.“ се вели во писменото соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
Од МВР денеска изјавија дека полициски службеници интервенирале во Вевчани поради непочитување на мерките и прописите за спречување на ширењето на коронавирусот односно забраната за групирање на повеќе од четири чица.
„Имено, и покрај претходно постигнатиот договор на три одржани состаноци со лицата инволвирани околу одржувањето на оваа манифестација да се почитуваат мерките и да нема групирање, денеска поголема група на граѓани се собра во Вевчани, без почитување на мерките односно со недозволено групирање поради што мораше да интервенира полицијата. По документирање на случајот, ќе бидат поднесени и соодветни поднесоци“ се вели во одговорот од МВР.
Засега нема официјални информации за приведени, иако претставник на опозициската ВМРО-ДПМНЕ од Вевчани на својот профил објавил фотографија, како е спроведен во полициско комбе. Според фотографиите на социјалните мрежи во Вевчани се присутни и над стотина полицајци но и припадници на специјалните единици.