СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат речиси изедначен рејтинг покажува анкетата на Македонскиот центар за меѓународна соработка – МЦМС и Телевизија Телма, спроведена од М-Проспект од 6 од 24 декември по телефонски пат. На прашањето „Доколку утре се одржат избори за која политичка партија би гласале“ 18,6 проценти рекле дека би гласале за СДСМ, 18,1 процент за ВМРО-ДПМНЕ, 6,7 проценти за ДУИ, 1,4 проценти за ДПА, 4,6 проценти за Алијанса за Албанците, 0,5 проценти за Алтернатива, 2,4 проценти за БЕСА, 6,2 проценти за Левица и 0,2 проценти за Интегра.
Значителен број граѓани 23,8 процент рекле дека „ќе го поништат гласачкото ливче/нема да излезат да гласаат“, а 17,5 проценти „одбиле да одговорат/не знам“.
Анкетата покажува дека најголема доверба граѓаните имаат во Зоран Заев (39,7 отсто), потоа е лидерот на Левица, Димитар Апасиев (29,7 проценти), а веднаш потоа се е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски (28,3 отсто) и лидерот на ДУИ, Али Ахмети (15,5 проценти).
Анкетата е направена на национално репрезентативен примерок од 1000 испитаници постари од 18 години.