Министерството за внатрешни работи ќе има посебен оперативен план за ноќта на 31 декември, како и за утредента на први јануари. Ова го соопшти министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на својот официјален фејсбук профил, каде што апелира на совесно прославување, без големи групирања и загрозување на јавното здравје. Тој предупредува дека ако некој директно го загрозува здравјето на граѓаните, ќе мора да сноси одговорност.
„ Исчезнаа огласите за групни прослави по викендици за Нова Година откако започнавме со апели и проверки преку Секторот за превенција при МВР. Полициското присуство секогаш било засилено околу Нова Година и другите празници во текот на јануари затоа што е важно да се одржи јавниот ред и мир, а тоа го покажува ланскиот мал број пријави и инциденти“ напиша Спасовски на Фејсбук.