Во периодот јануари – ноември годинава и покрај ковид кризата обемот на тргување на Берзата е зголемен за 11 проценти, при што просечниот број на трансакции е зголемен за 25,3 проценти, а вредноста на просечниот дневен промет за 50,9 проценти. Вкупниот промет од почетокот на годината заклучно со 15. месецов изнесува 127 милиони евра. Добивките на котираните компании се пристојни за ковид опкружувањето, со мало намалување, беше соопштено денеска на тркалезната маса „Берзите во 2020 година – Осврт на локалниот и глобалните пазари“.
Властите, пак, најавуваат реформи на пазарот на капитал. Се предвидуваат измени на Законот за инвестициски фондови, а постојниот Закон за хартии од вредност ќе биде заменет со два нови закони: Закон за финансиски инструменти и Закон за проспекти за хартии од вредност и обврски на издавачите за транспарентност. Со оваа реформа ќе се создадат услови за развој на нови производи и услуги на финансискиот пазар во Македонија, ќе се обезбеди повисоко ниво на стабилност на пазарот, ќе се зајакнат овластувањата на надзорните органи, и ќе се подобри заштитата на инвеститорите и на сите учесници на пазарот, рече министерот за финансии Фатмир Бесими.
Македонската берза „заздравува“ од коронавирусот
Иван Штериев, извршен директор на Македонска берза, соопшти дека вкупните добивки на 100-те котирани компании на Берзата во првите девет месеци од годинава се околу 157,9 милиони евра, а 24 компании исплатиле дивиденда.