Новиот албум на Влатко Стефановски – Taftalidze Shuffle со кој ја продолжува успешната соработка со најголемата дискографска куќа во регионот – Croatia Records, ќе биде објавен овој петок, 20-ти ноември.
Станува збор за едно од најисчекуваните музички изданија во 2020-та година, не само во Македонија, туку и во целиот регион, кое минатата недела со синглот Огледало и тоа како ја заинтригира јавноста на овие простори.
На новиот албум Влатко е придружуван од подмладеното Трио. Во нова ритам секција членуваат басистот Иван Кукиќ, како и неговиот син Јан Стефановски на тапани. Иако се млади, звучат со полн ентузијазам и шират оптимизам и енергија. И овој албум, како и сите соло-проекти на Стефановски, Влатко му го има посветено на својот град, нашето единствено Скопје, населбата Тафталиџе, која е неговото маало... Затоа песните се интимни и лични, а повторно толку блиски секому, заради сензибилитетот кој го носи музиката на Влатко Стефановски. Албумот Taftalidze Shuffle е создаван во периодот од јануари до октомври 2020-та, а текстовите се пишувани во од април до јуни, оваа специфична и чудна 2020 година.
„Наместо да гледам ТВ и да паѓам во депресија, се одлучив да правам музика. И многу сум задоволен од резултатот “, вели Стефановски.
На албумот има и многубројни гости: Дамир Имери, Кирил Џајковски, Диран Тавитјан, Тихомир Поп Асановиќ, Матија Дедиќ, Васил Хаџиманов, Андријана Јаневска, Теодосиј Спасов, Никола Ристановски... Албумот содржи девет теми: Taftalidze Shuffle, Funky junkie, Игранка, Гаража, Global Warming – local freezing, Огледало, Немам песна за тебе, Раскрсница, Дијаспора.