Судот во Казахстан ја потврди одлуката за сместување во клиника за психијатрија на новинарка и блогерка, обвинета за учество во активности на забранетата организација Демократски избор на Казахстан. Со денес објавената одлука на апелациониот суд во Нур-Султан, новинарката Ајгул Отепова сега ќе биде префрлена од домашен притвор во психијатриска клиника.
Минатонеделната пресуда на Судот беше Отепова да мора да биде сместена во психијатриска клиника еден месец за да се провери нејзината ментална состојба. Педесетгодишната новинарка беше ставена во домашен притвор на 17 септември по објава на Фејсбук во која ги критикува напорите на властите да ја спречат епидемијата на коронавирус.
Властите ја обвинија Отепова за поддршка на опозициското движење Демократски избор на Казахстан (ДВК), кое беше означено како екстремистичка група и беше забрането во земјата.