По предавањето на акредитивите на македонскиот претседател Стево Пендаровски, новиот француски амбасадор во земјава, Сирил Бомгартнер, изјави дека Париз ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија.
„Мојата мисија почнува во нов суштински момент, тоа е патот на интеграцијата на Северна Македонија во Европската унија. Франција ја поддржува оваа перспектива, која стана уште појасна благодарение на донесените храбри политички одлуки“, рече Бомгартнер.
Според него, „новата стратегија за земјите од Западен Балкан, посакувана и донесена од страна на Претседателот на Франција е потврда за желбата која постои за зближување во една поширока рамка. Станува збор за историска определба, но и за сосема легитимни национални интереси“, пренесе МИА.
Претседателот Пендаровски изјави дека двете земји од секогаш биле блиски
„Нашите земји и народи отсекогаш биле блиски, споделувајќи ја вредноста на националното мото и движечката сила на Француската револуција: слобода, еднаквост, братство. Водени од мислата дека сите луѓе треба да имаат еднакви права и горди на својата историја, идентитет и почитување на културните и јазични разновидности, обете, во сиот изминат период, покажаа дека можат да се потпрат една на друга“, рече Пендаровски.