Состанок на шефовите на дипломатиите од Берлинскиот процес за Западен Балкан ќе се одржи на 9 ноември во рамки ко-претседавањето на процесот од страна на Северна Македонија и Бугарија. Средбата на шефовите на дипломатиите ќе претходи на средбата на врвот на процесот на 10 ноември во Софија, соопшти бугарското Министерство за надворешни работи. Поради ситуацијата со Ковид-19, средбата на министрите за надворешни работи ќе биде организирана преку видео конференциска врска, чиј домаќин ќе биде бугарското МНР.
Берлински процес: Состанок на министрите за економија и ЦЕФТА во Софија
Ко-претседавачи на средбата се шефот на дипломатијата Бујар Османи и неговата бугарска колешка Екатерина Захариева. Во рамки на состанокот ќе се одржи пленарна сесија, на која ќе бидат разгледани можностите и предизвиците пред Берлинскиот процес за Западен Балкан во контекст на мерките за изградба на доверба и за подобрување на регионалната соработка, вклучувајќи подобра поврзаност меѓу луѓето и инфраструктурата. Фокус на разговорите на министрите ќе биде темата за младите и граѓанското општество во Западен Балкан. Учесници во процесот се земјите од Западен Балкан – Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора, а нејзини ко-спонзори и поддржувачи се неколку земји-членки на ЕУ како Германија, Франција, Австрија, Италија, Велика Британија, Полска, Грција, Хрватска, Словенија и Бугарија.