Специјализираниот совет на Косово со седиште во Хаг го потврди обвинението против лидерот на Демократската партија на Косово (ДПК) Кадри Весели. Ова преку соопштение за медиумите го потврди самиот Весели, кој патува во Хаг на 5 ноември, со напомена дека ќе патува сам.
„Го почитувам фактот што Специјализираниот совет ми испрати повик да се појавам на суд, наместо да бидам уапсен на недостоинствен начин“, напиша Весели.
Свесен сум дека на Косово има луѓе кои мислат дека Специјализираниот совет е навреда за нашата историска борба да го заштитиме народот на Косово од злосторствата на режимот на Милошевиќ. Но, јас на тоа не гледам така, гледам како можност конечно да одговорам на лажните обвинувања и гласини кои кружат со години“, порача Весели – поранешен припадник на Ослободителната војска на Косово.
Весели наведе дека верува во објективноста и непристрасноста на судиите и ги повика сите на Косово да изразат должно почитување кон правосудните органи.
„Овој процес има за цел да се дојде до вистината. Нема причина да стравувате од вистината“, наведе Весели.
Тој потсети дека Специјализираниот совет е формиран со одлука на Собранието на Косово и дека тој е дел од косовскиот правосуден систем без оглед што се наоѓа во Хаг.
Специјализираното обвинителство на Косово со седиште во Хаг на крајот на јуни соопшти дека на 24 април, Специјализираниот совет поднело обвинение со кои претседателот на Косово Хашим Тачи и поранешниот претседател на Собранието и актуелен пратеник и претседател на Демократската партија на Косово, Кадри Весели, како и „други лица“ се теретат за злосторства против човештвото и воени злосторства, вклучително убиство, исчезнати лица, прогон и тортура.
Специјализираниот совет на Косово го потврди обвинението и против лидерот на парламентарната група Движењето Самоопшределување во Собранието на Косово Реџеп Селими, кој денеска исто така патува во Хаг.
Во среда на 4 ноември по налог на Специјализираното обвинителство е уапсен поранешниот претседател на Собранието на Косово и поранешен портпарол на Ослободителната војска на Косово Јакуп Красниќи, но засега не е прецизирано кои точно дела му се ставаат на терет.
Специјализираното обвинителство на Косово во Хаг се занимава со истраги за наводни злосторства на припадниците на Ослободителната војска на Косово направени врз етнички малцинства и политички ривали од јануари 1998 до декември 2000.