Започна гласањето на денешните претседателски избори во САД, а гласачите веќе се упатуваат кон избирачките места во ек на пандемијата на коронавирус.
Граѓаните на САД избираат меѓу двајца дијаметрално спротивни кандидати – актуелниот претседател Доналд Трамп, кој внесе свој вид на конзервативизам во Белата куќа пред четири години се бори за втор мандат, а негов противкандидат е долгогодишниот политичар Џо Бајден од Демократската партија.
Гласањето во 20-тина сојузни држави на источниот брег на САД почна во 7 наутро, односно во 13 часот по македонско време, а продолжуваат да се отвораат на запад, како што се менуваат часовните зони.
Рекордни 99,6 милиони луѓе веќе гласаа – или по пошта или на предвреме отворените гласачки места, за да се спречи ширењето на новиот коронавирус. Високиот одѕив покажува дека излезноста може да биде далеку над 55 отсто, колку што беше во 2016 година.
Претседателски избори во САД, поделби и страхувања од нереди
Мајкл Мекдоналд, професор на Универзитетот во Флорида, кој го води американскиот изборен проект, за Радио Слободна Европа изјави дека неговото предвидување е дека на изборите ќе гласаат 160 милиони луѓе, односно 67 отсто од избирачите, што ќе биде највисок одѕив од 50-тите години од минатиот век. Тој очекува повеќе време додека да се дознае исходот од изборите, затоа што треба да се избројат гласачките ливчиња кои стигаат по пошта.