Претставничка на УНИЦЕФ во Северна Македонија, Патриција ди Џовани, вели дека училиштата треба да бидат последни што ќе се затворат, а први што ќе се отворат.
„Во време кога земјата се соочува со зголемен број заразени со Ковид-19, најдобриот интерес на децата мора да биде од централно значење при носење на секоја одлука за тоа кога и како училиштата да останат отворени. Земјава направи огромни напори децата да продолжат да учат во оваа пандемија. Додека повеќето деца го продолжуваат образованието преку учење на далечина, одлуката за повторно отворање на училиштата за учениците од 1-3 одделение со препорачаните превентивни и заштитни мерки, претставува позитивен чекор кон намалување на негативните ефекти од продолженото затворање на училиштата“, вели ди Џовани.
Според неа, светските примери покажуваат дека почитувањето на засилените мерки за превенција во училиштата и навременото откривање и изолирање на случаите и нивните контакти, во повеќето ситуации, досега се покажало успешно во спречувањето на растот на бројот на новозаразени.
СОНК: Наставниците да можат да работат од дома
Во земјава, според податоците објавени од Министерството за образование и наука, од повторното отворање на училиштата, се заразиле само 0,05 проценти од учениците и 0,6 проценти од наставниците што одат во училиште со физичко присуство. Министерката за образование, Мила Царовска, вчера истакна дека се додека не се создадат услови за затворање на училиштата, би останал актуелниот модел на настава.