Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска го отвори 25. Конгрес на владеачката партија, кој за првпат се одржува дигитално, на далечина со цел заштита на јавното здравје.
Во своето обраќање, претседателот Заев посочи дека со овој Конгрес, кој се однесува на анализа на изборните резултати, социјалдемократите покажуваат одговорност во заштита на јавното здравје, а истовремено ги почитуваат статутарните одредби и уште повеќе се демократизираат.
"Во време кога ние, со целиот свет, се соочуваме со постојана борба против коронавирусот, СДСМ застанува одговорно, да направи пресек на сработеното и да ги дефинира новите стандарди, европските стандарди како задолжителни одредници и репери во своето работење. На овој Конгрес, уште повеќе се демократизираме, продолжуваме да се менуваме, ја зголемуваме отчетноста,за да обезбедиме најдобро за сите граѓани"изјави Заев
Заев, потенцира дека 25.Конгрес е прв конгрес кој доаѓа по изборната победа на СДСМ од позиција на владејачка партија.
Тој нагласи дека има и статутарни измени во партијата, со кои новиот претседател на партијата ќе се бира на внатре партиски избори.
" Непосредно секој член ќе може да гласа и директно да одлучува кој и како ќе ја води партијата. Таквите избори е планирано да се одржат следната пролет кога и истекува мандатот на актуелното раководство. Сакаме да обезбедиме уште поголема демократизација, инклузивност и позитивна трансформација на партијата и на органите на СДСМ", рече Заев.
Како новина на конгресот на партијата беше наведено и тоа дека СДСМ во иднина ќе има од два до четири потпретседатели.
Инаку, ова е првиот дигитален конгрес на една политичка партија во државава.
СДСМ на прв онлајн конгрес