Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција ги повика лидерите на политичките партии на лидерска средба за да разговараат „за проблемите со нашиот источен сосед“ Бугарија.
„Не верувам дека Бугарија ќе ја блокира Македонија и ги охрабрувам тоа да не го направат“, изјави Мицкоски истакнувајќи дека како ВМРО-ДПМНЕ ги повикуваат релевантните политички лидери да разговараат за преговорите со Бугарија, но и за пописот, економијата, „дебаклот од образованието“ и заеднички да излезат со решенија.
Тој повтори дека стои на ставот дека е разговарано за нов договор со Бугарија, кој ќе подразбира уставни измени, бидејќи како што наведе досега никој од бугарска страна не го демантирал тоа.
БГНЕС - Георгиевски во објаснувачка мисија во Бугарија
Коментарите на Мицкоски доаѓаат откако деновиве македоснки и бугарски политичари даваат изјави за отоврените прашања меѓу двете земји и за тоа дали тие ќе бидат препрека за почнувањето на преговорите на земјава со ЕУ.
Македонија и Бугарија во 2017 година потпишаа Договор за пријателство и добрососедство, по што беше формирана заедничка мешовита комисија за историски и образовни прашања.
Членовите на комисијата имаа средби изминатите два дена во Скопје, по речиси една година пауза во работата. Тие наведоа дека сѐ уште не е постигнат договор за клучните прашања, но дека се постигнати мали поместувања.