Бугарскиот премиер Бојко Борисов на Фејсбук објави дека тој и германската канцеларка Ангела Меркел ги поддржуваат земјите од Западен Балкан на патот кон ЕУ.
„Бугарија активно ќе продолжи да работи во таа насока за време на нашето заедничко претседавање со Република Северна Македонија во Берлинскиот процес. Ги ценам напорите на германското претседателство со Советот на ЕУ за изнаоѓање најсоодветни решенија за заштита на здравјето на сите европски граѓани, како и на економскиот живот“, наведува Борисов на својот фејсбук-профил.
Тој во објавата натаму додава дека на францускиот претседател Емануел Макрон му порачал оти ЕУ треба да дејствува координирано во борбата против пандемијата, но дека и земјите членки не треба да бидат лишени од можноста сами да носат одлуки.
Борисов е во Брисел на Самитот на лидерите на земјите членки на Европската унија кои разговараат за зголемениот број случаи на заразени со коронавирус во цела Европа.