Во Чешка во петокот беа регистрирани рекордни 1477 нови случаи на коронавирус, а четврти ден по ред има по над 1000 случаи дневно, што ги натера европските држави, како што се Данска, Германија, Белгија или Швајцарија да ја стават Чешка, или само главниот град Прага, на црвената листа на земји кон која има ограничени патувања.
Оваа недела бројот на активни случаи во Чешка скоро се удвои. Со 62 позитивни на 100 илјади жители, Чешка е полоша од другите земји во регионот, каде што Австрија има 35 заболени, Словачка 17,4, Германија 11,4, Полска 8,1, додека омилената дестинација за летување на Чесите, Хрватска, има 41,4 заболени на 100 илјади жители.
Во Чешка од денеска маски за лице во затворен простор
Од почетокот на пандемијата во март, во Чешка со коронавирус се заразија 33860 луѓе, оздравеа 21150, а 450 луѓе починаа. Во болниците во моментов има 264 заболени, од кои 60 луѓе на респиратор.
Поранешниот шеф на Кризниот штаб, вирусологот Роман Примула изјави дека очекува во наредните денови бројот на новозаболени да се мери во илјади.
Поради тоа, Данска воведе ограничувања за патувањата од Чешка, односно ќе може да се патува само со негативен тест и тоа само за работа, а не туристички, додека Швајцарија од понеделник воведува задолжителен 10-дневен карантин за луѓето кои доаѓаат од Чешка.
Словачките епидемиолози исто така бараат Чешка да се стави на листата на ризични земји, но премиерот Игор Матович на Самитот на премиерите на Вишеградската четврока вчера во полскиот град Лублин рече дека врските меѓу Чесите и Словаците се толку испреплетени и силни и оти ќе се обиде да најде некаков компромис.
Повеќето нови случаи се со лесни симптоми, а морталитетот не се зголемува, рече чешкиот министер за здравство Адам Војтех синоќа на чешката државна телевизија.
Чешка веќе воведе задолжително носење маски во затворени простории, а министерот најави дека е можно да се воведе ограничување на бројот на луѓе на јавни собири. Тој посочи дека само во една вечер во ноќен клуб во Прага се заразиле 250 луѓе и оти најголем проблем се младите.