Белоруската полиција започна со притворање на демонстранти кои се движеа во центарот на главниот град на маршот против долгогодишниот авторитарен владетел Александар Лукашенко.
Илјадници луѓе денеска на 30 август се собраа кон Плоштадот на независноста во Минск, кој претходно беше затворен со полициски кордони, за како што беше наречен „Маршот за мир и независност.“
Полициските сили го блокираа напредувањето на толпата во неколку делови на градот и уапсија голем број демонстранти во близина на Плоштадот на независноста и на други места.
Мирните демонстранти беа однесени во затворски возила, додека други демонстранти извикуваа „срамота.“
Во Белорусија 22 дена се одржуваат протести поради спорните претседателски избори, кои му дадоа нов шестгодишен мандат на Лукашенко.
Протестите претставуваат најголем предизвик за 26-годишното владеење на Лукашенко.
Пред планираниот марш, Министерството за внатрешни работи ги предупреди граѓаните да не учествуваат во неовластените собири, додека полицијата во Минск им препорача на новинарите да останат најмалку 100 метри подалеку од протестите „заради нивна безбедност.“