И натаму трае дебатата на собраниската седница за избор на нова Влада. Пратениците кои се дел од парламентарното мнозинство даваат поддршка за предлог-програмата на Владата, додека опозициските пратеници обвинија дека во програмата нема јасни цели за развој на државата.
Ова е втор ден собраниска дебата, откако вчера мандатарот и лидер на СДСМ Зоран Заев во своето експозе ја презентираше новата владина програма, наведувајќи дека приоритети ќе бидат економијата, правосудството, образованието, администрацијата, животната средина.
Седницата за избор на новата Влада беше закажана откако Заев го доби мандатот да формира Влада, по резултатите од предвремените парламентарни избори на 15 јули оваа година, на кои СДСМ освои најмногу пратенички мандати (46). Владиното мнозинство беше формирано постизборно по договорот за колација кој Заев го постигна со лидерот на ДУИ Али Ахмети – партија која освои 15 пратеници на изборите и со ДПА која освои еден пратеник. Трите партии сега имаат мнозинство од 62 пратеници во Собранието.
Опозициските пратеници упатуваа критики кон Заев и неговата партија СДСМ и за промената на името на државата за време на претходниот мандат и потпишаните договори со соседите Грција и Бугарија.
Тие рекоа дека не веруваат оти со предложената владина програма ќе се направат потребните реформи во државата, особено во сектори како образованието.
„Најслаба точка во земјата е образованието“, изјави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова. Таа рече дека државата многу малку средства издвојува за наука, а истовремено има многу Универзитети по глава на жител.
Пратениците од парламентарното мнозинство рекоа дека ќе глсаат „За“ избор на Владата, бидејќи веруваат во кадрите предложени да раководат со министерствата, како што рече Арбр Адеми.
Гласањето за новата Влада се очекува да се случи најдоцна до полноќ. За нејзиниот избор потребно е просто мнозинство од 61 пратенички глас.