Земјите од регионот треба да заземат координиран пристап за границите, за да им се олесни преминот на патниците, а притоа да се обезбеди контрола над ситуацијата со коронавирусот, посочил министерот за здравство Венко Филипче, кој денеска зборувал со своите колеги од Балканот преку видео врска за состојбата со ковид-19. Тие зборувале за справувањето со вирусот, предизвиците со почетокот на учебната година, подготовките на системот за есен и процесот за набавка на вакцината.
На состанокот е договорено да се изработи иницијален документ за заемен протокол за границите. На документот ќе работи работна група составена од членови од сите земји на Западен Балкан, Грција и Бугарија, а следната видео конференција на која ќе се дискутира за протоколот ќе се одржи најдоцна за две недели, стои во соопштението од Министерството за здравство.
За четири пати намален протокот на грчки државјани преку Меџитлија
На конференцијата учествуваа министрите за здравство на Албанија, Огерта Манастарлиу, на Грција Василеиос Кикиљас, на Република Српска, Ален Шераниќ, на Косово Арменд Земај, како и заменик – министерот за здравство на Босна и Херцеговина, Горан Черкез, асистентот на министерот за интернационална соработка и европски интеграции Данијела Урошевиќ, директорот на Институтот за јавно здравје од Србија, Верица Јовановиќ и директорот на Здравствениот инспекторат во Бугарија, Ангел Кунчев, соопшти Министерството за здравство.
Видео конференцијата ја иницирал министерот Филипче.