Од коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива по постигнатиот договор на СДСМ и на ДУИ за формирање на Влада реагираат дека станува збор за измама и нелегитимна влада.
„Прво, ДУИ измами, што денес го прекрши единственото предизборно ветување за албанскиот премиер и второ, го измами СДСМ, која пред изборите рече дека „во никој случај нема да се формира коалиција со ДУИ “. Затоа, за нашата коалиција, оваа влада не заслужува никаков политички респект и, како таква, ќе се соочи со 12 пратеници и народ кој нема да дозволи измама и узурпација на политичката волја“, се наведува во соопштението.
Од коалицијата заклучуваат дека во државата „се занимаваме со политичка каста, која утре ќе биде владата, која ќе владее без принципи, туку водени само од тесни деловни, клански и семејни интереси“.
Од коалицијата најавуваат дека од утре се во офанзива за со сите демократски средства да ја вратат демократијата, да престане манипулацијата со политичката волја и да престане измамата, што, како што наведуваат, виси како навика на главата на една земја која се стреми кон Европската унија.
Договор за влада- Заев премиер сега, а сто дена пред избори кадар од ДУИ
Лидерите на СДСМ и на ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети на денешната средба во Клубот на пратениците се договорија да формираат Влада во која премиер ќе биде Заев, а на сто дена пред истекот на нејзиниот мандат функцијата ќе ја извршува друго лице по предлог на ДУИ. На средбата присуствуваа и генералните секретари на партиите, Артан Груби од ДУИ и Љупчо Николовски од СДСМ.